Политика за колачиња · Одлуката може да ја промените во секое време на страницата „Колачиња“.

Пристапност

Големина на текстот
Читање на глас

Прелистувачот го чита текстот со гласот што го има за овој јазик.

Изјава за пристапност

Македонски јазик и литература

Македонски јазик и литература – државна матура, август 2026

Комплетниот тест од државната матура, август 2026: книжевност, јазик, читање и пишување. Задачите со избор се проверуваат автоматски, кај отворените прашања се прикажува одговорот од официјалниот клуч, а есејот го пишувате со бројач на зборови.

Прочитајте ги текстовите и одговорете. Кај отворените прашања по проверката споредете го одговорот со клучот и означете дали е точен.

Државна матура, август 2026 (Државен испитен центар). Одговорите се според официјалниот клуч.

Оригиналниот тест (PDF) · Клуч (PDF)

Книжевност

1. Прочитај ја песната „Две тишини“ од Анте Поповски и одговори на поставе- ните прашања.

Две тишини Ти конечно ме бакна, и како и овие дождови и секавици, како и овие ветришта, ме окова за себеси, и тоа што веќе меѓу нас се случи сега и Бог – господ не може да го спречи. Но, каде си? Ти и не знаејќи околу мене насели две тишини: една мала, во која те сонувам и чекам, и една голема во која исчезнувам. Твојот заборав и моето заминување сега и сам Господ – бог не може да го спречи.

Анте Поповски. „Две Тишини“. Скопје: Југореклам, 2003 година, стр.127.

1.1. Во песната доминира чувството на: (1 поен)

1.2. Кога говори за љубовната врска, песната ја прикажува како: (1 поен)

1.3. Во песната, што симболизираат „заборавот“ и „заминувањето“? (1 поен)

1.4. Каква е функцијата на природните елементи во првата строфа на песната? (1 поен)

1.5. Која стилска фигура е застапена во четвртиот стих од првата строфа? (1 поен)

1.6. Која од стихозбирките не му припаѓа на поетскиот опус на Анте Поповски? (1 поен)

2. Прочитај ги извадоците од текстот „Слово за празниците“ од Кирил Пејчиновиќ и одговори на поставените прашања.

I. А вије се надеате на курбани што колете на Атанасов ден, со тоа да угодите Богу. А не знаете еле тија курбани идолска жертва, еврејска жертва, а не христијанска. Тој христијанин што коле курбан не ест христијанин, токо ест евреин или идолопоклонник, и тој свешеник што поет на глава на овенот со свеќа запаљена лаже за добитка, за пара, за месо, а у закон христијанскиј немат писно поп да чати на овен а христијани да колет курбан.

II. Поклади идет, се чудиш колку манџи да напраиш. Пак се берете по две куќи по три на едно да покладите, да разлагуете, да поете песни соблазнителни, да јадете до ден, да се опиете и скверна безделија да чините за три дни. Немојте христијани, не губете си душите, не празнујте погански. Сам поклади си со својата челад, што годер јади, помало пии, поскоро стани, метание чини, зашто утре велик пост. Зашто го велат велик, голем? Зашто голем колку божиќниј пост и он. Зашто го велат великиј пост? Зашто голем захмет требе да тегнеме во него, многу метание, многу богомолство, непиење, нејадење, нелутење се, некарање се, со жена си у постела неспиење, крштење, сриг и сваќи и гозби нечинење, непцуење се, неврежуење се, опростуење се, сиромаа пригледуење, утро вечер, на полдне, три пути денес када се крстиш, метание да чиниш. Бога да молиш да ти прости што си чинил сва година. И зашто го викаат великиј пост? Зашто ест десеток он. Демек, на годината имат 366 дни, от десет еден да дадеме Богу, другите нам 9 дена. Што си грешуал срдце, да ти простит и да те помилуват во тија дни. Десетоците собрани на куп во великиј пост, от субота и недела башка, чинат 36 и пол со велика субота и со ноќта спроти велик ден. До полноќ све се постит, никоа суббота не се постит, салт велика суббота се постит и спроти неделата до полноќ. Така се плаќа десеток Богу, така се измолует Бога.

III. Ете тако се празнует великиј ден, кој ест христијанин и кој ест радлив за своја душа. А како гледам во едни села, да чува Господ, дип грубо. Ни христијани можем да ги наречем ни пак неверници. Велики петок и велика суббота јадат и пијат, у великиј пост хора играат, со жена у постеља спијат, на забита се клеветат, давиа чинат, се пцуат, се тепаат, на сам ден велик ден причешна чекаат. А, попот узел, осум села попуат, каде понапред да стасат, трчат от село на село, со меинзил носит свјатиј тајн. А едни сиромаси христијани, дури ги жалим, зашто до само полдне чекаат попа, на сам царскиј велики ден гладнии стоат и чекаат попа да му донесат причесна и викаат: „Се забави попот, тоа му било, она му било!“ Други пак велит: „Хајде да му се натепамо, ќи уште еднаш да не забават!“ А еднии чорбаџие што сет, мало позенгини, како кметинке, пак тије велат: „Не така. Да го тепамо ќе не глобит забитот. Токо мије, ка што сме се собрале в куп, да идемо да однесемо овен на агата или на пашата, да му аливерисамо ќутек, ем да го напудимо, да земемо друготого попа, ако е подалеко со куќата.“ Пак другиј кмет велит за друготого попа: „Каков глобар ест и тој поп многу земат, махни го тамо. Овој поп се забават ама баре помало земат, ем вересие пеет, чекат за паре со години, а другиот поп со Турци си земат хакот, ако му не платиш.

……………………………

Кирил Пејчиновиќ. „Слово за празниците“. Скопје: Култура, 1956 година, стр. 61, 67, 69.

2.1. На која епоха од историјата на литературата ѝ припаѓа творештвото на Кирил Пејчиновиќ? (1 поен)

2.2. Кирил Пејчиновиќ го напишал текстот „Слово за празниците“ на ____ говор. (1 поен)

2.3. Напиши едно дело (освен „Слово за празниците“) кое е создадено од Кирил Пејчиновиќ. (1 поен)

2.4. Идејата во текстот „Слово за празниците“ е: (1 поен)

2.5. Која негативна појава кај луѓето ја критикува Кирил Пејчиновиќ во првиот извадок? (1 поен)

2.6. Во вториот извадок, Пејчиновиќ ги критикува луѓето поради (1 поен)

2.7. Празнувањето на поклади, според авторот во вториот извадок, треба да биде со (1 поен)

2.8. Како Пејчиновиќ ги опишува свештениците во третиот извадок од наведениот текст? (1 поен)

3. Прочитај го извадокот и одговори на поставените прашања.

Г-ѓа Пернел: Знам. Брат сте. Ве боли. Но вас ве ценам и фалам јас во секој час. Но, ако бев Оргон, нејзиниот маж. ни миг не ќе бевте вие в домот наш. Ви сте со такви животни максими што чесниот човек тешко ќе ве прими. Простете за ова, знам дека ви тежи, но јазикот збори што в срце ми лежи. (...) Дамис: Во вашиот Тартиф сета чест е збрана... (...) Г-ѓа Пернел: Да, тоа е човек за фалба и пример, но в срцево жива се отвора рана кога вакви глупци го клеветат него... ..................................................................................................................... Г-ѓа Пернел: Син ми овде стори едно мудро дело кога Тартиф дома го засолна смело; тој на време иде, од Господ е пратен сите вас од патот грешен да ве врати. Ако ли се слуша неговиот глас сите вас ве чека разум чист и спас. ...................................................................................................................... Оргон: Не шура, ви кажувам вам не знаете кого повредивте в час. (...) Клеант: Да, вистина, не го познавам јас, ама да се знае за човекот дали... (...) Оргон: Оној што го знае – нема да жали и занесот негов се разлева в шир. Да, човек е Тартиф, каков што го нема, си го следи патот со спокој и мир и го смета светот за времен и тема. Јас повтор се раѓам штом него го слушам, од порок ја чисти тој мојата душа. И жена ми, брат ми да умрат, ил синот – ко ништо да било, скоро ќе ми мине толку што ја спаси тој мојата душа. (...) Клеант: За чувственост таква нигде не сум слушнал.

Молиер „Тартиф“. Скопје: Мисла, Македонска книга, Култура, Наша книга, 1986 година, стр. 9, 13, 19.

3.1. Кои два лика го поддржуваат Тартиф со целосна посветеност во извадокот? (1 поен)

3.2. Во последниот дел од извадокот, каква е сликата за светот на Оргон? (1 поен)

3.3. Цитирај го стихот во кој Оргон објаснува дека Тартиф му помогнал да се ослободи од пороци. (1 поен)

3.4. На кој општествен слој му припаѓа Тартиф? (1 поен)

3.5. Кои слабости се критикуваат во наведениот извадок? (1 поен)

3.6. Кој лик го открива вистинското лице на Тартиф? (1 поен)

3.7. На кој вид дело му припаѓа горенаведениот извадок? (1 поен)

3.8. На кој книжевен правец му припаѓа делото „Тартиф“? (1 поен)

Книжевна анализа и јазик

4. Кратките и мудри народни изреки кои даваат совет или поука за човечкиот живот се нарекуваат: (1 поен)

5. Книжевната критика има цел: (1 поен)

6. Во кој жанр спаѓа делото „Ромео и Јулија“? (1 поен)

7. Судирот меѓу ликовите во дејството на драмата се нарекува: (1 поен)

8. Определи ја стилската фигура во стихот „Сончевата светлина го бакнуваше лицето“. (1 поен)

9. Во која литература се јавуваат првите примери на трагедија и комедија? (1 поен)

10. Кој од следниве зборови е неправилно напишан? (1 поен)

11. Што претставува заменката употребена во следната реченица: „Игор ме покани на гости.“? (1 поен)

12. Заокружи ја формата за збирна множина. (1 поен)

13. Колку вида членски морфеми има во македонскиот стандарден јазик? (1 поен)

14. Кој од долунаведените е основен сврзник за условните зависносложени реченици? (1 поен)

15. Наставката во зборот столар е: (1 поен)

16. Кој од наведените јазици спаѓа во јужнословенската група? (1 поен)

17. Именките бурекчија и бозаџија се образувани од: (1 поен)

18. Која азбука ја составил Св. Кирил? (1 поен)

19. Колку функции има јазикот? (1 поен)

20. На кој слог паѓа акцентот во четирисложните македонски зборови од типот детелинка, младоженец, потполошка и сл.? (1 поен)

21. Со каква почетна буква (голема или мала) се пишуваат имињата на месеците во македонскиот стандарден јазик, ако не се на почеток на реченица? (1 поен)

22. Напиши ја компаративната форма на придавката добар. (1 поен)

23. Колку вида множина постојат во македонскиот стандарден јазик? (1 поен)

24. Кој дел од реченицата е нејзиниот конститутивен елемент без кој таа не може да постои? (1 поен)

25. Според бројот на јазици што се обработуваат во нив, колку вида лингвистички речници постојат во лексикографијата? (1 поен)

26. Во кој јазичен стил припаѓа твојата комуникација со другарите? (1 поен)

27. Објасни со други зборови што значи следниов фразеологизам: (1 поен)

Две лубеници под една мишка не се носат!

28. Подвлечи го предлогот во следната реченица: (1 поен)

Кликни на зборот:

29. Одговори каква е според видот следнава зависносложена реченица (1 поен)

Затоа што е добар, сам ќе дојде да го затвориме.

30. Кој збор е глаголски прилог во реченицата: (1 поен)

„Гледајќи те тажен, размислував како да ти помогнам.“?

Читање

31. Внимателно прочитај го текстот и одговори на поставените прашања.

МЕЃУСЕБНАТА ПОВРЗАНОСТ НА УМЕТНОСТА И НА ЖИВОТОТ

Уметноста била дел од животот толку долго колку што постои и самото човештво. Со илјадници години, сè до денес, луѓето создаваат, набљудуваат и уживаат во уметноста. Таа е дел од нашата култура и секојдневниот живот. Преку различни форми и медиуми што ги избираат уметниците, како ликовна уметност, скулптура, музика, литература, филм, театар, сликарство и други, тие ги изразуваат своите, но и нашите идеи и креативната имагинација во опипливи форми. Доколку сите поединци во едно општество се стремат да се изразуваат само преку уметноста, тогаш се создава колективна психа на одреден историски период, правејќи пораката на уметноста да го надмине времето или местото. Уметноста ги обединува луѓето, потсетувајќи ги на вредностите што треба да ги поддржуваат, на она што е најважно во животот – лубовта, убавината, добрината, точките на средба, а не на разделување, на страстите и на желбите на човекот. Таа се издига над класата, јазикот, националноста, полот и другите фактори што се обидуваат да нè поделат. Историски гледано, уметноста се користелa како градежна алатка за подобрување на животот и како средство за приближување на луѓето едни кон други со повеќе емпатија и разбирање. Уметноста, во повеќето случаи, е повеќе од само убава реакција за гледање; таа е она што ние сме, што ни се случило, колку скршени можеме да се чувствуваме, како да се лекуваме, како да ги соединуваме парчињата и како да го боиме животот. Во Античка Грција, уметноста била доблест на добриот човек кој ја поддржува културата, интелектот и естетските вредности. Исто така, филозофите како Платон и Аристотел ги истакнувале големото влијание и вредноста на уметноста во животот на децата.

Во Америка, по Револуцијата во XVIII век, уметничките активности како литературата, поезијата и музиката биле меѓу најпосакуваните активности за подобрување на квалитетот на животот.

Многубројни студии потврдуваат дека уметноста е моќна алатка за подобрување на благосостојбата, образованието на младите, социјалната инклузија, економскиот развој и обновата на заедницата. Таа му дава на општеството културен идентитет и влијае врз подобрувањето на менталното и физичкото здравје на луѓето. Уметноста се гледа како инструмент за одржување на општеството. Џ. Дјуи во својата книга Уметноста како искуство изјавува дека вредноста на уметноста треба да биде вклучена во системите на општествените односи. Значи, уметноста не стои сама за себе, туку, напротив, е во служба на вредностите на општеството. Како што вели и Пабло Пикасо: „Уметноста ја отстранува прашината од душата во секојдневниот живот.“

Сепак, општеството треба да го гледа и третира светот на уметноста и културата како витален извор не само на решенија, туку и на начини за пронаоѓање на тие решенија. Различни активности во рамките на уметностите, како што се сликарството, муралите, фестивалите, саемите, посетите на музеи, изложбите или театарските претстави служат како бегство од секојдневната рутина. Додека се забавуваш, се чувствуваш слободен, одмараш, се релаксираш и уживаш во нешто убаво. Значи, уметноста има влијание врз психолошката страна на човекот, подобрувајќи го квалитетот на неговиот живот. Такви активности не само што нудат моментално задоволство, туку отвораат нови прозорци за набљудувачот, ги отвораат вратите на имагинацијата, креативното и независното размислување, влијаејќи така врз желбата да се создаде нешто ново, различно и уникатно со својата сопствена индивидуалност.

Преземено од: studentet.mk/arti-dhe-jeta-ne-nje-lidhje-te-ndersjellte/

31.1. Која е улогата на уметноста во општеството според текстот? (1 поен)

31.2. Во кои форми се изразува уметноста според авторот на текстот? (1 поен)

31.3. Што се случува кога поединците се изразуваат само преку уметноста? (1 поен)

31.4. Што претставува уметноста според горенаведениот текст? (1 поен)

31.5. Над кои фактори што се обидуваат да нè поделат се издига уметноста? (1 поен)

31.6. Што велеле филозофите Платон и Аристотел за уметноста? (1 поен)

31.7. Како уметноста влијае врз здравјето на луѓето? (1 поен)

31.8. Според Џ. Дјуи, во кои системи треба да се вклучи уметничката вредност? (1 поен)

32. Внимателно прочитај го текстот и одговори на поставените прашања.

НАЈГОЛЕМИТЕ ПРИРОДНИ КАТАСТРОФИ

Без оглед на технолошкиот развој, човештвото сè уште нема одговор и ефикасна одбрана против природните појави и разорните катастрофи. Сè почестите урагани, земјотреси и масовни свлечишта, според бројни експерти, се последица на глобалните климатски промени.

Сведочиме за ураганите кои пустошат низ крајокеанските држави и Америка, но светот во минатото памети и значително поголеми катастрофи.

Најсмртоносните поплави

Најголемата катастрофа во однос на бројот на загинати луѓе се поплавите од 1931 година, а бројот на жртви се проценува дека бил меѓу три и четири милиони. Од 1928 до 1930 година, Кина била погодена од големи суши, а зимата 1930 година била една од најтешките. Тогаш паднале големи количини снег, а пролетта следната година следеле и големи врнежи и поплави. Регионот во месец мај бил погоден од девет циклони, а реката Јангцекјанг се излеала и поплавила милиони луѓе. Најлошиот период бил во јули и август. Јангцекјанг и реката Хуаи дошле до Нанџинг, кој тогаш бил главен град на Кина. Милиони луѓе се удавиле, а некои починале од глад, колера и тифус. Во градот Ханкоу, нивото на водата било 16 метри повисоко од нормалното. Откако водата се повлекла, властите го посетиле регионот, ветувајќи дека ќе ги санираат штетите. Но, поради недостиг на средства, а и поради граѓанската војна, успеале на изградат само неколку помали брани на Јангцекјанг.

Најголемиот тропски циклон

Во декември 1970 година, Пакистан бил погоден од циклонот Бола, при што загинале меѓу 300 000 и 500 000 луѓе. Циклонот се формирал над Бенгалскиот Залив на 8 ноември и почнал да се движи кон север. На 11 ноември дувал ветер со јачина од 185 километри на час. Опозицијата и медиумите ја критикувале власта дека предоцна испратила предупредување до граѓаните за можна катастрофа. Циклонот ја погодил и Индија, носејќи огромни врнежи дожд. Најголемиот број од жртвите настрадале од огромните бранови кои предизвикале поплави. Лошата реакција на властите довела до масовни студентски протести, кои подоцна прераснале во граѓанска војна што резултирала со поделба на Пакистан и прогласување на независна држава Бангладеш во 1971 година.

Најголемата вулканска ерупција во 20 век

На 8 мај 1902 година се случила катастрофална вулканска ерупција на францускиот остров Мартиник на Карибите, при што животот го загубиле повеќе од 30 000 лица. Според бројот на жртвите, станува збор за најсмртоносната ерупција во целиот 20 век. Ерупцијата во целост го уништила градот Сен-Пјер, во тој момент, најголемата населба на островот. На почетокот на мај, најпрво се појавиле потреси на земјата, а се слушале и експлозии од правец на вулканот. Над градот Сен-Пјер паѓал фин вулкански пепел. Многу жители уште во тој момент се евакуирале, но поголемиот дел одлучиле да останат, верувајќи дека сепак нема да дојде до катастрофална ерупција.

Најсилниот забележан земјотрес

Најсилниот земјотрес во историјата го погоди чилеанскиот град Валапараис на 22 мај 1960 година. Јачината на потресот изнесувала 9,5 степени според Рихтеровата скала. Земјотресот предизвикал појава на цунами во Чиле, Јапонија, Филипините и Нов Зеланд. Со оглед на јачината на потресот, бројот на жртвите не бил поголем од 2 000.

Вториот по јачина земјотрес ја погодил Алјаска на 28 март 1964 година. Магнитудата на потресот изнесувала 9,2 степени според Рихтеровата скала, што исто така предизвикало цунами кое убило 28 луѓе. Штетата била проценета на 330 милиони долари, а тресењето било почувствувано и на некои места во Канада.

Најсмртоносниот земјотрес

Најсмртоносниот земјотрес евидентиран во модерната историја на човештвото ја погодил Кина, односно градот Шанкси во 1556 година. Наводно, јачината му била околу 8,0 степени според Рихтеровата скала, а загинале околу 830.000 лица. Просторот во круг со радиус од 840 километри бил срамнет со земја.

Најсмртоносното торнадо

Најсмртоносното торнадо го погодило Бангладеш на 26 април 1989 година. Точниот број на загинати не е познат, но се проценува дека животот го изгубиле околу 1.300 лица, што го прави најсмртоносното торнадо во познатата историја, не само во Бангладеш, туку и во целиот свет. Торнадото имало ширина од 1,6 километри, а поминало должина од околу 13 километри.

Преземено од: www.fakulteti.mk/news/23092017/najgolemite-prirodni-katastrofi

32.1. Кога се случиле најсмртоносните поплави во историјата? (1 поен)

32.2. Кои реки се излеале и предизвикале поплави во Кина? (1 поен)

32.3. Колку луѓе загинале во поплавите во Кина во 1931 година? (1 поен)

32.4. Кој тропски циклон ја предизвикал најголемата човечка трагедија во Пакистан во 1970 година? (1 поен)

32.5. Каква политичка последица произлегла по циклонот Бола? (1 поен)

32.6. Кој град бил уништен од вулканската ерупција на островот Мартиник во 1902 година? (1 поен)

32.7. Колкава била јачината на најсилниот земјотрес во историјата, забележан во Чиле во 1960 година? (1 поен)

32.8. Колку лица загинале во земјотресот во Кина во 1556 година? (1 поен)

32.9. Во која држава се случило најсмртоносното торнадо? (1 поен)

32.10. Колку луѓе, приближно, загинале во торнадото во Бангладеш во 1989 година? (1 поен)

33. Избери една тема и: (13 поени)

Напиши текст од 260 до 460 збора; прочитај ја темата и добро размисли што треба да содржи текстот; почитувај ги правилата за композиција на текст (воведен дел, главен дел и заклучок); почитувај ги правилата на стандардниот јазик.

Мислите искажи ги јасно и поврзано со употреба на факти и аргументи; употребувај соодветна лексика и стил во согласност со видот на текстот кој го пишуваш; не пишувај општи фрази; не користи буквално и без критичка дистанца готови текстови од различни извори (учебници, стручни книги, веб-страници итн.); внимавај на графичкото средување на текстот – треба да има три јасно изделени целини (вовед, главен дел, завршен дел) и по можност – пасуси во главниот дел. Пишувај со кирилица, користејќи ракописни букви, во спротивно се

одземаат 5 поени од освоените поени на есејот!

Тема 1: Емпатијата и хуманоста можат да го спасат светот

Размисли што би пишувал/-а на темата, објасни што подразбираш под поимите емпатија и хуманост и колку тие се присутни денес.

Заземи критички став, може да се согласиш или да го негираш зададениот наслов, и користи јасни и последователни мисли за да го искажеш ставот за зададената тема.

Наведи најмалку два аргументи, поткрепени со конкретни факти и примери, преку коишто ќе прикажеш на кој начин емпатијата и хуманоста можат да донесат позитивни промени и зошто е неопходно да се биде хуман и емпатичен.

Искажи го твојот став за тоа дали емпатијата и хуманоста влијаат позитивно или негативно кај младите врз градење на нивната личност.

Заокружи со сублимирање на својот став за тоа дали и колку навистина хуманоста и емпатијата се темелите врз кои може да се гради порамнотежена и посигурна иднина.

Употребувај стандарден македонски јазик и ракописно писмо и внимавај на правописот, лексиката, синтаксичките и интерпункциските правила.

Тема 2: Одговорноста е клучна особина за успех во животот

Размисли што би пишувал/-а на темата, објасни што подразбираш под поимот одговорност и што значи да се биде одговорна личност.

Заземи критички став, може да се согласиш или да го негираш зададениот наслов, и користи јасни и последователни мисли за да го искажеш ставот за зададената тема.

Наведи најмалку два аргументи, поткрепени со конкретни факти и примери, преку коишто ќе прикажеш на кој начин одговорноста може да им донесе успех на младите (на пр. зрелост, дисциплина, самостојност), врз основа на твојот став.

Искажи го твојот став за тоа дали одговорноста се одразува позитивно или негативно кај младите.

Заокружи со сублимирање на својот став за тоа дали и колку навистина одговорноста е важна особина за успесите во животот и двигател на личниот развој.

Употребувај стандарден македонски јазик и ракописно писмо и внимавај на правописот, лексиката, синтаксичките и интерпункциските правила.

Зборови: 0 · Потребно: 260–460 зборови